Маричиќ: Процесот на евроинтеграција е суштински фактор за успешна трансформација на земјите од регионот

од Vladimir Zorba
141 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес се обрати на економскиот форум на Фајнанс Тинк, истакнувајќи ја важноста на реформите и придобивките од процесот на европска интеграција на земјава, со фокус на економијата и економскиот развој.

– Стабилни и демократски институции се почетна точка за економски развој. Процесот на европска интеграција е суштински фактор за успешна трансформација на земјите од регионот. Овој процес ќе даде силен поттик и нова динамика на спроведување на политичките и економските реформи, со цел побрзо да се достигнат европските стандарди, рече Маричиќ, потенцирајќи дека Унијата мора да биде похрабра во однос на политиката на проширување, што неминовно ќе доведе до мотивација и импулс, и на граѓаните и на економијата, но и на граѓанското општество, да бидат поактивни, па и во бизнис можностите и искористување на европските пари за развој на економијата.

Маричиќ истакна дека сите стандарди не можат да се постигнат во ист момент и дека за тоа треба време.

-Токму затоа ни е потребна помош во овој процес и од економските оператори и од граѓанскиот сектор затоа што колку потесно гледаме во остварувањето на потесниот интерес на краток рок, толку потешко ќе ни биде потоа да спроведеме вистински реформи за вистинско наше интегрирање на заедничкиот пазар, додаде Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ говореше и за спроведувањето на ИПА како и програмирањето на оваа и идната година, како и за приоритетот кој го постави Влада во изминатите 5 години, истакнувајќи дека има уште многу за работа, во подобрувањето на имплементацијата, која ќе се движи во насока на зајакнување на економијата паралелно со европските интеграции.

Слични содржини