Маричиќ разговараше со една од жртвите на „Јавна Соба“: Не си сама во оваа битка

од Nikola Popovski
210 прегледи

Министерот за правда Бојан Маричиќ денес се сретна и разговараше со Ана, една од дeвoјките жртви на групата „Јавна Соба“. Тој изворно се информираше за страдањето низ кое минува Ана, но и другите девојки чии фотографии и лични податоци беа злоупотребени во веќе затворената група.

 

Маричиќ и честиташе на храброста јавно да проговори за нејзините премрежја и за нејзиниот јавен настап кој предизвика навистина силна општествена реакција.

 

Дополнително и беа презентирани и законските измени кои Министерството за правда веќе ги подготви, а со кој се воведува и ново дело кое ќе биде дополнителна заштита, меѓу другите и за вакви случаи.

 

Имено, во нив меѓу другото се додава член, во кој се вметнува терминот „Демнење“ и се објаснува дека тој што истрајно и за подолго време неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на телекомуникациски или други средства за комуникација или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

 

Министерот и порача дека не е сама во оваа битка и дека сите жртви ја имаат целата поддршка.

Ана, девојката која јавно проговори за „Јавната соба“, дека токму нејзина фотографија и телефонски број беа споделени во групата на Телеграм, најави дека ќе учествува на маршот кој вчера го најавија од невладиниот сектор.

„Поканета сум да присуствувам и нормално дека ќе присуствувам. Јас можеби сум и првата што сакам да се избориме, да допреме до сите. Сакам никој веќе да не продолжи со вакви работи, да не им наштетува на другите луѓе и да постигнеме живеење во едно здраво општество. Овие ситуации само не уназадуваат“, изјави Ана, при гостувањето на емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Таа вчера истакна дека добила голема поддршка од јавноста, но и од обични луѓе кои ѝ се обратиле по објавеното сведоштво откако нејзини податоци беа злоупотребени.

Слични содржини