Маричиќ: Транспарентноста на судската власт ќе биде еден од приоритетите на нашата Влада

од Берта Китинска
251 прегледи

Денес е голем ден. Претседателот на СДСМ и мандатарот Зоран Заев ја поднесе листата на кандидатите за министри во новата Влада и Програмата на Владата за периодот 2020-2024, напиша на својот Фејсбук профил новиот министер за правда Бојан Маричиќ.

„Голема чест и одговорност е што сум предложен за министер за правда. Тежок ресор, клучна тема, голема одговорност со големи очекувања од граѓаните. Ветувам дека вредно ќе им служам на граѓаните и на јавниот интерес,“ вели Маричиќ.

Тој ветува дека ќе ја врати довербата во системот и во идеалот за праведно општество во кое владее правото, а законот важи еднакво за сите.

„Прочистувањето на судството и обвинителството, транспарентност и отчетност на судската власт, ефикасност во справување со корупцијата и криминалот, заштита и унапредување на човековите слободи и права, скратување на институционалните “маки” и трошоци на граѓаните, враќање на вербата во правдата и успешно спроведување на преговорите за членство во ЕУ во делот на фундаменталните поглавја и теми (поглавје 23 и 24, владеење на правото и сл.). Тоа се приоритетите на нашата Влада и силно верувам дека ќе успееме.Сите чесни и искрени чинители во областа правда кои се грижат за граѓаните ги гледам како сојузници за добра кауза. Ќе подадеме рака на сите и ќе сакаме да чуеме сечие мислење. Најважно е да бидеме насочени кон резултати кои граѓаните ќе ги почувствуваат и заради кои ќе веруваат во системот, зашто добриот систем се гради со добри и квалитетни луѓе. Убав ден за убав нов почеток, “ напиша Маричиќ.

Слични содржини