Министерот за правда, Бојан Маричиќ соопшти дека Владата треба преку писмо да побара од ЕУ, мониторинг или набљудување на судските процеси „Монструм“, „Диво Насеље“, „Алфа“ и „Алмир Алиу“.
-Не знаеме во каква форма ќе се нафати ЕУ и не знаеме што точно ќе се случува и дали би се нафатиле. Целта на овој договор и целта на Владата не е да се мешаме во исходот на овие пресуди. Тоа не сме го правеле, ниту имаме намера и понатаму да го правиме. Владата нема механизам, ниту волја да се меша во овие судски процеси, за кои веќе има пресуди, вели Маричиќ во емисијата „360 степени“.
Министерот додава дека без да се консултираат и со владините партнери и ЕК, не можат да испратат било какво писмо.
-Дали има ЕУ истражни органи да го спроведе тоа, не знам. Има органи за мониторинг и има начин како да се спроведе. Треба да се држиме до содржината. Пред отворање на било кој случај не е можно вон правниот систем на Македонија. Сметам дека Гаши има најдобра намера со отворањето на оваа тема, потенцира Маричиќ и истакнува дека ЕУ нема механизам да отвора истраги кај нас, освен за истраги за трошење на европски пари.