Денес одбележуваме три децении членство во Обединетите нации како држава членка на НАТО и земја која ги започна преговорите со Европската Унија. Тоа и нѐ обврзува да ја задржиме динамиката на евроинтеграциите и да ја завршиме македонската интеграција во големото европско семејство, објави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Вицепремиерот потенцира дека 30 години сме етаблирана држава на меѓународната сцена, со признаена култура, посебност и идентитет.
-Остануваме посветени на нашите клучни цели и вредностите на Обединетите нации, како одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, унапредување на човековите права, зајакнување на социјалниот и економскиот развој. Заложбата за подобар свет, во кој владеат мирот, стабилност, толеранцијата, солидарноста, Северна Македонија ја прави пример за дипломатија и дијалог. Со говорот во ОН во 1993, тогашниот претседател Глигоров ги постави правецот на надворешната политика и ги зацрта стратешките цели и приоритети на државата, истакна Маричиќ , додавајќи дека сега е време „заеднички да застанеме пред предизвиците и да ги направиме можност за брзо да напредуваме во преговорите со ЕУ, а Северна Македонија да ја направиме рамноправен партнер со змјите членки на ЕУ“.