Четири години Северна Македонија е сигурен сојузник и партнер на НАТО. Денеска, ние сите заедно сме поспокојни знаејќи дека сме дел од најнапредната, најмоќната одбранбена воено-политичка Алијанса во светот и сме на вистинската страна, изјави првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, по повод 4 годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО.
За Северна Македонија, додаде вицепремиерот, членството во НАТО беше исполнување на еден од националните стратешки интереси и е пат кој води до полноправно членство во Европската Унија.
-Правиме разлика, и сме свесни за придобивките кои носат безбедност и стабилност. Кога станува збор за безбедноста и сигурноста, беше гордост да си Македонец и Македонка, кога во исто време пред седиштето на НАТО во Брисел, во Командата на сојузничките сили за операции во Монс и во Командата на сојузничките сили за трансформации во Норфолк во САД, се издигна македонското знаме, додека се интонираше македонската химна како симболи на потврдениот македонски идентитет. Северна Македонија денес рамо до рамо со останатите сојузници, учествува во градењето на нашата безбедна иднина, го чуваме мирот и ги промовираме и негуваме демократските вредности, порача Маричиќ.
За вицепремиерот, денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна.
-Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата. Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ. Како што ги ставивме интересите на граѓаните и на државата во преден план наспроти личните или партиските кога ги носевме тешките одлуки за НАТО, така ќе направиме и за нашето членство во ЕУ. Но, како и денес за НАТО, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, знаеме дека граѓаните ќе ни бидат благодарни. Сигурен сум дека со одговорниот однос кој го имаме кон реформите и пристапните преговори со ЕУ, ќе успееме во достигнување на целта, Северна Македонија до 2030 да биде успешна европска приказна, рече меѓу другото Маричиќ на традиционалниот појадок со дипломатскиот кор.