Маричиќ-Брегу: Целта ни е ЕУ, затоа е важно паралелно да работиме и на регионалната соработка

од Nikola Popovski
194 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на маргините на министерскиот ЕУ состанок на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), оствари средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.

На средбата беше разговарано за статусот на регионалните договори во рамки на Берлински процес, нивната имплементација и следните активности на Советот за регионална соработка, за кои вицепремиерот Маричиќ вели дека се „позитивен чекор кон подготовката на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ”.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ додаде дека регионалната соработка е составен дел од европската интеграција и клучна во достигнувањето на членството во ЕУ. Во тој контекст укажа дека за Северна Македонија останува регионалата соработка да е еден од надворешнополитички приоритети и дека ќе продолжи да биде конструктивен партнер на Советот за регионална соработка.

– Ќе продолжиме како земја да придонесуваме во подобрувањето на регионалната соработка и активно да работиме во рамки на иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан, од кои конкретни бенефити имаат македонските граѓани и македонската економија, рече Маричиќ.

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, ја потврди заложбата и посветеноста на Северна Македонија на регионалната соработка и препознавањето на важноста на договорите кои беа потпишани на Самитот на Берлинскиот процес, во ноември минатата година. Таа упати благодарност до македонската Влада за поддршката што ја дава на работата на Советот за регионална соработка и брзата ратификација на договорите во македонското Собрание, со надеж дека целосно, во сите земји, ќе бидат имплементирани до октомври, кога е планиран следниот Самит на Берлинскиот процес во Тирана.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ денеска во Бечиќи ќе се сретне и со неговата колешка од Албанија, Олта Џачка.

Слични содржини