Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ не гледа причина која било партија да одбие учество во работната група која треба да ги подготви амандманите за уставните измени. Тој денеска посочи дека ќе продолжат да ги убедуваат партиите за да учествуваат.
-Кој потврдил или кој не потврдил, треба да прашате во Министерство за правда, бидејќи тие го водат процесот. Се разговараше со повеќе експерти, се уште немаат официјално потврдено или немаат официјално добиено покана. Ова прашање порано или подоцна ќе дојде во Собранието. Затоа мислам дека е многу попрактично и подобро за државата, да земат учество сите партии и да не се плашат. Би ги охрабрил да не се плашат бидејќи и јавно ги изнесоа ставовите, тие да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до заедничко решение и македонски модел за вградување на трите заедници кои сакаат да влезат во Преамбулата на Уставот, рече Маричиќ како одговор на новинарско прашање.
Вицепремиерот смета дека само на тој начин ќе се демистификува процесот.
-Ние настапуваме одговорно и ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат, додаде Маричиќ.