Сите наши обврски со Бугарија се напишани на хартија и се вградени или во Преговарачката рамка или во заклучоците кои ги имаме од Советот на ЕУ од минатата година, така што она што можеме да го очекуваме е предвиливо, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој потенцира дека не очекува нови блокади од Бугарија по уставните измени.
Главниот преговарач со ЕУ одговараше на новинарски прашања по потпишувањето на финансиската спогодба за ИПАРД 3, а ова го одговори на прашањето да даде коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) истакна дека Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања.
Маричиќ денеска рече дека не знае што кажал Османи, но напомена дека она што ќе се случува по уставните измени е извесно.
-Прво знаеме дека по завршувањето на уставните измени, автоматски треба да се свика втората Меѓувладина конференција и за тоа имаме цврсто уверување и од шпанското претседателство и од наредните. Секоја држава-членка во текот на преговорите може повеќе пати да отвори прашање, но мислам дека по завршувањето на уставните измени веќе никој, а особено Бугарија, нема да има кредибилитет да прават каква било блокада, бидејќи сметам дека беа доволно блокади, кажа вицепремиерот.