Маричиќ: Опозицијата континуирано сее страв, така беше и за Преспанскиот договор од кој имаме само придобивки

од Vladimir Zorba
182 прегледи

За жал одредените податоци кои укажуваат на неприфаќање на уставните измени кај граѓаните се дело, односно производ на долгогодишната политика на страв која е промовирана од опозицијата – Левица и ВМРО-ДПМНЕ, особено минатата година кога се напластуваа сериозни дезинформации, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во „Детектор“.

-Се сееше страв кон граѓаните дека нам ќе ни се одземе идентитетот, дека ќе има некаква бугаризација, дека јазикот ќе ни биде одземен и дека со ова се прави којзнае што. Ние имавме многу слична атмосфера поврзана и со Преспанскиот договор, кој наводно ќе довел до обезличување на Македонија, дека ќе биде крај на идентитетот и продавање на државата, но денеска ги гледаме придобивките. И покрај протестите и заострената атмосфера во Собранието, на крајот еве 3-4 години по договорот, од него гледаме само придобивки, само позитивни последици – членство во НАТО, кажа Маричиќ, додавајќи дека сме на сигурната страна во време на војна.

Тој потенцира дека по обвинувањата на бугарската вицепретседателка во Советот на Европа, токму Грците застанале на наша страна.

-Го разбирам сега стравот на граѓаните, бидејќи е производ на една долгогодишна кампања, но исто така треба да ја разбереме нашата одговорност како политичари да ги решаваме проблемите, зашто во исто време граѓаните сакаат членство во ЕУ и над 60% од граѓаните сакаат да одиме кон Унијата како единствена опција, истакна Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека ако сите работат одговорно и ги презентираат јасно работите, кај граѓаните нема да постои стравот и ќе се смени атмосферата, онака како што се стравувало претходно од бугаризација, кантонизација, федерализација…

Слични содржини