Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ порача дека не е време за предвремени избори, туку време за носење одлуки и дека предвремени избори може да има само доколку опозицијата се согласи веднаш да гласа за уставните измени.
Тој истакна дека само тоа е опција што Владата би ја прифатила.
Мислам дека не е време за предвремени избори туку е за понесување одговорност и за имплементација на она што ни е обврска. Граѓаните ќе ни бидат благодарни доколку ја завршиме таа обврска пред изборите за да не бидат изборите оптоварени со тоа кој е за, а кој против уставни измени, затоа што тоа ќе нè внесе во нов десетгодишен тунел од кој не знаеме дали ќе можеме да излеземе, како што бевме изминатиот период со спорот со Грција. Тоа не ни донесе подобро позиции и не ни ја зајакна улогата, не ги подобри перформансите ниту внатре во државата ниту не приближи до нашата цел, членство во ЕУ. Затоа не треба граѓаните да бидат предмет на пропаганда и илузија, треба да се зборува отворено и одговорно, изјави Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“.