Маричиќ: Продолжувањето на преговорите со ЕУ значи и отворање на повеќе фондови за зачувување и афирмација на македонското богато културно наследство

од Nikola Popovski
215 прегледи

Првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денес го посетија локалитет „Стоби” (НУ за управување со Археолошкиот локалитет Стоби-Градско) каде што се во тек активности за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители”.

-Со поддршка на нашите европски пријатели и партнерите во овој проект, Стоби и околните инфраструктурни објекти, стануваат атрактивно место за туристичка посета, особено во делот на културниот туризам. Како значаен локалитет на историското и археолошкото наследство, на нашата земја и на Европа, во комбинација со природната средина, Стоби се стекнува со потенцијал за зајакнување на економскиот и културниот развој на целиот регион, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека вредноста на локалитетот беше препознаена и од Соединетите Американски држави кои преку Амбасадорскиот фонд три пати обезбедија директна финансиска поддршка за: конзервација и реставрација на крстилницата во Стоби, конзервација и реставрација во епископската базилика и градба со арки- Римски Форум.

-Овој проект помеѓу партнерите од Грција и Република Северна Македонија само го потврдува значењето на еворинтеграцијата на нашата земја. Продолжувањето на преговорите со ЕУ значи и отворање на повеќе ЕУ фондови за зачувување и афирмација на македонското богато културно наследство и трајните вредности на европската култура – рече Маричиќ.

На крај на своето обраќање Маричиќ посочи дека како овој и многу слични проекти, се јасен показател дека ЕУ ја препознава автентичноста на македонската култура, посебност и идентитет, а нашето членство во ЕУ од кое нема да се откажеме, уште повеќе ќе го зајакне и промовира нашето богато културно-историско наследство.

Слични содржини