Маричиќ-Рот: ЕУ има цел 2030 да биде година за ново проширување

од Nikola Popovski
155 прегледи

На маргините на Форумот на граѓанско општество – Тирана 2023 вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ остварил средба со Михаел Рот, пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, на која разговараа за европската перспектива на регионот, за новиот план за забрзување на пристапните преговори со ЕУ и важноста од унапредување на регионалната соработка, особено во период кој следува.

Пораката од средбата е дека планот на ЕУ значи брзи реформи кои ќе значат брзо членство и дека со тоа ЕУ нуди можност некои придобивки од членството да ги имаме и пред тоа, со одредени обврски, што е ретка шанса која треба да се искористи.

Само заедно, со поголем ангажман и соработка, Западен Балкан и ЕУ, можеме да изградиме Европа која е безбедна, која напредува и се развива, рекол на средбата Маричиќ, посочувајќи дека Владата прави напори да ја задржи динамиката на процесот и Северна Македонија да ги продолжи преговорите со државите од соседството, за што од исклучителна важност е поддршката која ја имаме од Сојузна Република Германија.

Во таа насока претседателот на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг и поранешен министер за Европа во германското МНР, Рот посочил дека е важно за стабилноста на целиот регион Северна Македонија да ги заврши обврските и да остане активна во процесот на преговори, укажувајќи дека поставувањето на датум е јасен сигнал дека ЕУ има цел 2030 да биде година за ново проширување.

Во пресрет на утрешниот Самит на лидери на Берлинскиот процес Маричиќ и Рот разговарале и за потребата од поголем фокус на регионалната соработка која треба да го забрза регионалниот развој и процесот на интеграција во единствениот пазар.

Берлинскиот процес влегува во нова фаза и се очекува да напредува и многу повеќе да придонесе за забрзување на ЕУ интеграцијата на регионот, беше заклучено на средбата.

Денес во Тирана започнува Самитот на Берлинскиот процес, на кој албанскиот премиер Еди Рама ќе биде домаќин на лидерите на Балканот и на ЕУ, на кој ќе учествува и вицепремиерот Маричиќ, како дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Ковачевски.

Слични содржини