Маричиќ: Сакаме С.Македонија да биде во чекор со другите

од Nikola Popovski
144 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска учествуваше на Конференцијата на меѓупарламентарниот дијалог за понатамошно промовирање на европската интеграција на Западен Балкан, во заедничка организација на Парламентарното собрание на Советот на Европа и Собранието на Република Северна Македонија.

Во своето воведно обраќање вицепремиерот Маричиќ рече дека оваа и следната година се многу важни за европската перспектива на Западен Балкан и дека регионот ќе оди напред.

– Ние сакаме Северна Македонија да биде во чекор со другите. Треба да бидеме дел од оваа успешна приказна што ќе ја испишеме заедно со ЕУ и другите земји од регион. Во наш интерес е, во интерес на граѓаните е да продолжиме напред и обединети во идејата за просперитетен и интегриран регион во ЕУ, рече Маричиќ.

Маричиќ додаде дека нема непремостливи пречки и изрази уверување дека Парламентот и пратениците ќе бидат на нивото на задачата и ќе водат конструктивен дијалог со кој како што рече тој, „брзо и ефикасно ќе ги исполнуваме обврските и ќе ги надминуваме предизвиците, поврзани со прашањата за правосудството, борбата против корупцијата и владеењето на правото”.

– Европската интеграција не е само опција за земјите од регионот, таа е најдобрата и најразумната опција и единствената алтернатива за нас. Заживувањето и интензивирањето на интегративниот процес од страна на ЕУ, со план и конкретни задачи за членство до 2030 година ни дава шанса да го постигнеме она што го чекаме скоро две децении, а таа шанса нема да ни биде до недоглед, посочи Маричиќ.

Вицепремиерот нагласи дека за поздравување е сè поголемиот ангажман на Парламентарното собрание на Советот на Европа кој има суштинска улога во поддршката на европската перспектива на Западен Балкан преку засилување на активностите за меѓупарламентарна соработка, насочени кон зајакнување на демократската отпорност, институционалниот капацитет, одржливоста на реформите, како и консултации со граѓанското општество и учество во политичкиот процес на одлучување.

– Континуираната и интензивна соработка меѓу Советот на Европа и ЕУ не само што ќе ја забрза европската перспектива на Западен Балкан, туку и ќе ја подобри одржливоста на реформите, обезбедувајќи и активно вклучување на Парламентот како основа за демократскиот напредок, спроведувањето на европската реформска агенда и што е најважно меѓупартискиот дијалог, рече Маричиќ.

Воведни излагања имаа и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Тини Кокс и Золт Немет, претседател на Комитетот за политички прашања и демократија, Парламентарно собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

Регионалниот настан има за цел да им обезбеди на парламентарците од регионот преку широка платформа за соработка и дијалог за да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат, како и добрите практики кон европска интеграција.

Слични содржини