Маричиќ-Сарацин: Со проактивност на сите политички партии да се направи нов напредок кон ЕУ до крајот на годината

од Vladimir Zorba
143 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со Мануел Сарацин, специјалниот пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, на која беше разговарано за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, политиката за проширување со земјите од регионот, како и за домашните актуелни случувања.

– Максимално сме посветени на процесот на преговори со ЕУ и оптимист сум дека нашите обврски како држава ќе ги исполниме во предвидениот рок. Почетокот на пристапните преговори се наш поттик за забрзување на интеграцијата и продолжување на реформите, со кои ќе им обезбедиме подобар квалитет на живеење за нашите граѓани. Очекуваме поддршка за забрзување на процесите кои ги правиме на евроинтегративниот пат од нашите пријатели во ЕУ. Не смееме да го пропуштиме моментумот, рече Маричиќ на средбата.

Сарацин посочи дека Северна Македонија е на вистинскиот пат да ја реализира својата стратешка цел, но во следниот период мора да се фокусира на обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, на владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата, за да ја задржи динамиката на напредок кон ЕУ.

Соговорниците се согласија сега е најважно да се одржи континуитет на пристапните преговори и оваа година Северна Македонија да направи нов напредок кон ЕУ, со отворање на првиот Кластер, „Фундаментални вредности”. За тоа Мануел Сарацин, специјалниот пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, рече дека како и досега ја имаме силната и принципиелна поддршка од европските партнери, но дека многу поважно е да имаме политички консензус и проактивност од сите политички партии за евроинтегративниот процес.

Сарацин на средбата уште еднаш ги посочи германските позиции за проширувањето на ЕУ и за актуелните геостратешки настани во Европа рече дека Германија е наш искрен партнер на патот кон членство во ЕУ и ќе се залага што поскоро да се случи обединувањето на регионот со ЕУ.

Маричиќ го информираше Сарацин за текот на скрининг процесот и за реформскиот план кој треба да даде брзи резултати и напредок во зајакнувањето на владеењето на правото, правосудниот систем, борбата против корупцијата и другите области од значење за европскиот пат на нашата земја.

Маричиќ изрази уверување дека европските партнери го ценат сето она што македонската Влада го постигнала на европскиот пат, особено имајќи ги предвид тешките политички и економски околности, на кои бевме сведоци поради војната во Украина и потенцираше дека очекува Унијата да даде јасен план за европската перспектива на Западен Балкан.

На средбата присуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Петра Дрекслер.

Слични содржини