Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ вели дека Владата нема да се откаже од намерата и планот за уставни измени што поскоро. Ќе работиме на тоа до последниот ден од овој мандат, истакна вицепремиерот.
-Сметаме дека не би било добро да премине и во наредниот мандат како прва задача, но голема илузија е да сметаме дека ќе исчезне обврската само ако ја игнорираме. Ова пред се однесува на опозицијата и оние пратеници кои што сметаат дека со игнорирање на обврската, која со текот на време ќе сфатиме дека била многу едноставна. Цената за самите да се блокираме можеме да ја платиме скапо. Јас сум сигурен дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе сфатат дека ова е обврска од која не можеме да избегаме. Чекањето повеќе години или децении може само да донесе полоша позиција за нас, рече Маричиќ на прес-конференција во Владата по завршување на Регионалниот министерски состанок.