Скрининг процесот се одвиваше 15 месеци, приближно 100 дена, со ангажирање на преку 1000 учесници и подготовка на 850 динамични презентации низ 206 различни институции. Сериозна работа која е доказ за колективната посветеност на администрацијата и граѓаните за членство во ЕУ, порача вицепремиерот Бојан Маричиќ од Брисел во своето обраќање, пред последниот билатерален состанок за Поглавјето 31 од Кластерот 6.
Тој истакна дека до крајот на годината ќе бидат доставени клучните документи кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во членство во Европската Унија, која што е усвоена на 19 јули 2022 година – Патоказот за владеење на правото, Патоказот за реформа на јавната администрација, како и Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на малцинствата и заедниците.
-Воедно, ја очекуваме дискусијата на Европскиот совет за време на состанокот иднатата недела на 14 и 15 декември, како и заклучоците од овој Совет. Имајќи ја предвид нашата посветеност и напорите да станеме полноправна членка на ЕУ, очекувам да добиеме препорака да продолжиме со втората Меѓувладина конференција. Со ова, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот потенцира дека оваа шанса мораме да ја искористиме без дилема, без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа како ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните.
-Одложувањето или блокирањето на процесот на преговори и членство на Северна Македонија во ЕУ претставува опасност за нашите реформи и за нашиот развој. Уверен сум дека со мнозинството македонски граѓани кои сакаат да ја видат Република Северна Македонија во Европската Унија во 2030 година заедно ќе успееме. Ајде заедно да ги надминеме пречките и да ја обезбедиме европската иднина за сегашните и идните генерации, посочи Маричиќ.