Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ смета дека сите политички чинители ќе се постават одговорно и на ниво на задачата во однос на процесот на уставни измени.
-По празниците ќе има состанување и формулација на предлозите за уставни измени. По неа, ќе има одредена јавна дискусија и потоа да се влезе во Собранието. Мислам дека впечатокот во јавноста е таков затоа што можеби дел од јавноста се надевала дека оваа обврска ќе исчезне или ќе се реализира подоцна. Ние не сакаме да губиме време, веќе сме ги почнале преговорите и скринингот тече. Треба да имаме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредени прашања, рече Маричиќ во емисијата „Студио 10“.
Според него, немаме луксуз да губиме време.
-Ситуацијата во Украина и односот на ЕУ кон Украина, создава чувство на итност дека треба да се решат што побргу да се решат овие прашања, истакнува вицепремиерот.
На прашањето како ќе се стигне до 80 пратеници и двотретинско мнозинство, Маричиќ вели дека жали што ВМРО-ДПМНЕ ја пропушта можноста да земе учество во оваа одлука.
-Неодговорно да тврдите дека ова ќе го решите кога ќе дојдете на власт? Дали ќе треба да чекаме на пример 5 или 10 години? Оваа обврска нема да исчезне, туку може само да ја зајакне позицијата на Бугарија дека ова е услов кој што мора да се направи. Одговорност е на секој пратеник, кажа вицепремиерот.
Маричиќ смета дека ВМРО-ДПМНЕ се крие позади хрватскиот модел на Устав.
-Тој е нешто што сме го имале пред 20 години и тоа е повеќе отворање на прашања на статусот на заедниците кај нас отколку модел за внесување на Бугарите, оценува вицепремиерот.