Марија Јаническа е новиот директор на Оперативно техничката агенција (ОТА). На денешната 131. седница на Собранието беше донесена одлуката за изборот на Јаническа. Во салата на Собранието беа присутни 93 пратеници, а за оваа точка пратениците гласаа едногласно.
Јаническа е дипломиран правник и досегашен стручен соработник за општи и заеднички работи во Оперативно-техничката агенција. Предлогот беше утврден едногласно, а денеска доби дво-третинско мнозинство и Бадинтерова поддршка.
На огласот се пријавија 21 кандидат. Директор на ОТА сакале да станат тројца од вработените во Агенцијата за разузнавање, тројца од АНБ, петмина од ОТА, професори, инженери и правници.
ОТА беше без директор веќе два месеци, откако му истече петгодишниот мандат на Зоран Ангеловски. Агенцијата е формирана како самостоен државен орган по масовното прислушување и Извештајот на Прибе.
Со спроведените законски измени, голем дел од надлежностите на УБК преминаа во АНБ, а опремата и уредите за прислушување ги презеде ОТА.