Лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен денеска изјави дека Франција треба да заземе остар пристап кон земјите кои одбиваат да примат депортирани лица, наведувајќи го како пример американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот притисок врз Колумбија да прифати депортации.
Ле Пен посочи дека Франција треба да преземе слични мерки кон Алжир, како што направи Трамп кон Колумбија, пренесе Ројтерс.
Таа во интервју за француската телевизија рече дека Франција треба да биде „поагресивна“ кон поранешните колонии, како што е Алжир, користејќи ја тактиката на Трамп за спроведување санкции и царини за да ги принуди да прифатат депортации.
Според неа, доколку Алжир не се согласи да соработува, Франција треба да го блокира трансферот на пари и да ги суспендира визите за Алжирците и нивните политички лидери.
Ле Пен нагласи дека Трамп успешно ги спроведе овие мерки во првите денови на функцијата и го критикуваше францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо за недоволно дејствување во врска со имиграцијата, пренесува „Танјуг“.