Нашите две земји треба да ги здружат силите во борбата против исламскиот тероризам, рече водачот на Францускиот национален фронт Марин Ле Пен, пренесе ТАСС.

Кандидатот за претседател на западноевропската држава денеска пристигна во Русија и говореше пред членовите на комисијата за надворешна политика на Државната дума (Долниот дом на Парламентот). “Мојата земја веќе го носи тешкиот товар на борбата против исламскиот фундаментализам и тероризам. Русија има огромен придонес во таа насока. Затоа мислам дека нашите две земји треба да ги здружат силите и да го искорениме ова зло”, рече таа. Претседателот на комисијата, Леонид Слуцкиј, од своја страна, го повика гостинот да придонесе за отстранување на наметнати од Европската унија во 2014 година санкции против Русија поради интервенција на Москва во внатрешните работи на Украина. “Ние сметаме дека овие ограничувања се дискриминација и знаеме дека мнозинството од Французите не ги поддржуваат овие мерки”, изјави пратеникот.