Советникот од Општина Аеродром, Златко Марин, сака да знае кој ги плаќа рекламите на градоначалникот на Општината, на ТВ, радио, Фејсбук, автобуси, билборди во кои Ивица Коневски се промовира себе.

„Во период кога централната власт крати на трошоци за рекламирање, Коневски продолжува да фрла пари на скапи реклами, како што ВМРО-ДПМНЕ правеше повеќе од десет години. Спотовите со славни личности, рекламите на познати радија, големите билборди, рекламите на автобуси, рекламите на Фејсбук и Интернет…сето тоа чини многу пари и да се изработи и да се објави. Коневски вели дека овие реклами се бесплатни. Тоа значи дека бесплатно ги снимаат, бесплатно ги пуштаат на ТВ, бесплатно ги лепат на автобуси, можеби дури и бесплатно ги објавува на Фејсбук. Ако е така, се поставува прашањето зошто толку фирми и медиуми бесплатно работат за Коневски и со што ги има задолжено“, вели Марин.
Тој смета дека граѓаните на Аеродром заслужуваат да знаат колку точно чини оваа кампања на Коневски и од каде се парите за истата, а Коневски што побрзо да одговори кој ги платил промотивните видео спотови што ги објавува Општина Аеродром и колку чинат.