Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис негодува на ставот на партијата СИРИЗА во однос на Македонија, остро обвинувајќи ја тамошната опозициска партија.
„Kренавме раце! Овој потег на СИРИЗА е целосно неразбирлив, бидејќи претседателот на Северна Македонија не го прифаќа, ниту го почитува основниот услов на Договорот од Преспа. Замислете само ние како Грција да направeвме се, а другата страна да се однесува како што го прави тоа сега. Затоа, можете да разберете колку е оправдан потегот на грчката влада што не брза да гласа за трите меморандуми за соработка со Северна Македонија“, рекол Маринакис во изјава за грчките медиуми.
Ова следува откако опозициската СИРИЗА вчера во парламентот ги достави трите меморандуми, како предлози на закон на официјалната опозиција, но со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри на Владата на Мицотакис. Трите меморандуми се однесуваат на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, економската соработка меѓу Грција и Северна Македонија и надзор над воздушниот простор.
-Неприфатлива за Грција е логиката за употреба на уставното име во формална комуникација, но не и во јавни настапи од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, додал Маринакис на прес-конференција за медиумите.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска во интервју појаснил дека „ја предупредил новата влада во Скопје дека секое отстапување од спроведувањето на Договорот ќе има сериозни последици за нашите билатерални односи, но и за патот на Северна Македонија кон Европа“.
-Бев многу зачуден што вчера СИРИЗА побрза да ги достави на гласање во Собранието трите меморандуми за Преспа. Она што СИРИЗА го бара од нас денес е чин што ги достигнува границите на апсурдноста. Нема да ги ратификуваме меморандумите за Преспа доколку не сме апсолутно убедени дека другата страна ги почитува сите одредби од Договорот, објаснил Мицотакис за грчка тв „Скаи“.