Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис денес уште еднаш повторил дека ќе го почитуваат Преспанскиот договор, иако сметале и сметаат „дека е лош договор“. Тој се осврнал на вчерашната изјава на идниот премиер Христијан Мицкоски кој кажа дека „почитувањето на Договорот е двонасочна улица“.
-Кога постои една релација што треба да ја изодат две страни, мислам дека е малку оксиморон едната страна да бара од другата да ја заврши рутата, кога ги нема изодено ни првите метри. Првото и основното е ерга омнес името. Ова е нешто што ако не го видиме да се манифестира од сите аспекти од Северна Македонија, ние нема да ја завршиме оваа рута и тоа се подразбира. Секако ќе беше штетно за нашата земја, ако размислуваме да следиме поразлична тактика, рекол Маринакис за обврските што ги има грчката страна и што се однесуваат не само на меморандумите, туку и како на пример таблите на автопатите во земјата.
-Северна Македонија за почеток треба да ги почитува основните работи на Договорот, а во продолжение да го поминеме патот. Ако не се случи тоа, ние нема да брзаме и да бидеме подготвени повеќе од тоа што го наметнува националниот интерес, додал Маринакис.
Колку од Преспанскиот договор има спроведено Македонија, а колку Грција. Ваков документ има подготвено мандатарот Мицкоски со кој ќе ги информира меѓународните партнери чии препораки за почитување на потпишаниот договор изминатиот период се насочени само кон Македонија.
-Договорите треба и двете страни да ги почитуваат. Ако мислите на Договорот со Грција, ние го почитуваме Преспанскиот договор до детали. Истовремено очекувам и вториот потписник да го почитува. Ние подготвивме еден документ колку е имплементирано и планираме да го запознаеме секој оној кој е љубопитен, да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот договор. Јас сум бил сведок кога многу од нашите меѓународни партнери не убедувале само уште името и завршена е работата, но гледаме дека не биле само така. Очекувам сите наши стратешки партнери да ги почитуваат договорите, исто како што и ние ги почитуваме, кажа вчера Мицкоски.