На новинарско прашање до Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески за утврдувањето на минимална плата, Ристоски одговори дека не станува збор за регулација на минималната плата, бидејќи таа е веќе утврдена со Законот за минимална плата. Според него, пресметката се заснова на 50% од просечната исплатена плата од минатата година, 50% од инфлацијата во однос на претходната година и не смее да биде пониска од 57% од просечната исплатена плата според Државниот завод за статистика.
Тој информираше дека моментално се формира нова комисија во рамките на Економско-социјалниот совет (ЕСС), која ќе ја испитува репрезентативноста на синдикатите кои ќе учествуваат во ова советодавно тело.
„Не станува збор за регуларност во носењето на минималната плата, бидејќи таа е утврдена со Законот за минимална плата. Пропорциите се јасно дефинирани, при што таа се пресметува врз основа на 50% од просечната исплатена плата од минатата година според Државниот завод за статистика, 50% од инфлацијата во однос на претходната година, и не смее да биде пониска од 57% од просечно исплатената плата во претходната година. Економско-социјалниот совет е активен, а во моментов се формира нова комисија која ќе ја испитува репрезентативноста на советите и ќе утврди кои синдикати ќе учествуваат во советодавното тело – ЕСС, кое е формирано во 2010 година. Законот за минимална плата е донесен во 2012 година, а одлуките се носат со мнозинство. Ние, како влада, имаме обврска да го почитуваме законот, што значи дека покачувањето од 2.200 денари ќе биде спроведено“ изјави на новинарско прашање Ристоски.