Раководството на Реал Мадрид речиси 100% го договори првиот вистински трансфер удар за
летото. Според информација на весникот „Марка“, Флорентино Перез се разбрал со шефовите на
Челзи и од следната сезона Еден Азар ќе биде играч на „белите“, а трансферот ќе биде објавен
непосредно по крајот на сезоната.

Трансферната сума засега не е откриена, но се очекува белгискиот ас да биде привлечен за сума
под 100 милиони евра, бидејќи влегува во последната година од својот договор. Во Челзи се свесни
дека иднината на нивната „десетка“ е далеку од „Стемфорд Бриџ“, а Азар одбил да го обнови
договорот неколку пати, а дури пред медиумите не ја крие желбата да заигра во Реал Мадрид.
Според неколку извори во Шпанија, белгискиот репрезентативец веќе се договорил за личните
услови и ќе потпише со клубот за период од 6 години.
Уште минатото лето двата клуба беа во контакт за потенцијален трансфер, но тогаш сумата беше
200 милиони евра. „Кралевите“ се повлекоа од договорот поради спортски, технички и економски
причини, а во тоа време не беше јасно што ќе се случи со проектот за реконструкција на „Сантијаго
Бернабеу“.
Привлекувањето на Еден Азар ќе биде првиот голем трансфер на Реал Мадрид од 2014 година, кога
беше привлечен Хамес Родригез. Во последниве години, „белиот балет“ вети дека ќе купува млади
и ветувачки фудбалери, но со оглед на слабите резултати, Реал ќе направи летово голем избор со
неколку ѕвездени имиња.