Маркетите и трговците демантираат дека водат „војна“ со Владата и повикуваат на дијалог

од Nikola Popovski
68 прегледи

Стопанската комора на трговци на големо и мало, претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун, упатува апел за соработка, до сите засегнати страни, со цел изнаоѓање трајни решенија, за предизвиците во секторот трговија. Комората има за цел, како што велат, да гради партнерски однос со сите институции,во интерес на заеднички  бенефит,наместо да биде поставена во позиција на конфронтација.

Како регистриран правен субјект, во соопштението се наведува дека Комората  ги застапува интересите на стопанските субјекти, кои претставуваат двигател на  економијата.

-Во фокусот на нашата работа е подобрување на законската регулатива, особено во делот на економските и правните спорови, како и спроведување на Законот за заштита  од нефер трговски практики, кој треба да придонесе за стабилизирање на цените и избегнување на прекумерни казни за трговците,дистрибутерите и производителите.

Комората, како силен партнер во создавање стабилна деловна средина,со 56 основачи- претставници на мали и средни компании, локални маркети и дистрибутери  од сите градови во државата,  ќе игра клучна улога во создавањето на фер и стабилна деловна средина, заштитувајќи ги интересите на сите учесници во трговијата со прехранбени и сродни производи, стои во соопштението на маркетите и трговците.

Се додава дека Комората е активен учесник во креирањето на економските политики и е партнер во дијалогот со Владата, институциите и сите засегнати страни.

-Внимателно ги следиме актуелните состојби и пазарните динамики. Загрижени сме од перцепцијата која се создава во јавноста, дека нашето работење е во конфликт со Владата и државните институции. Ова, сакаме јасно да го демантираме – ние не водиме „војна“, туку повикуваме на партнерство и конструктивен дијалог, за наоѓање соодветни решенија, кои ќе ги минимизираат ризиците и ќе помогнат во надминување на идните предизвици.

Членките на Комората, претставуваат значајна сила во секторот трговија и дистрибуција, со:

-86 трговски фирми

-близу 1000 продавници

– над 8000 вработени.

Нашата улога ќе биде да обезбедиме стабилна деловна средина и фер односи за сите учесници во секторот трговија со прехранбени и непрехранбени производи. Во оваа насока, ги повикуваме сите засегнати страни – институции,организации и стопански субјекти – на дијалог и соработка, со цел заедничко унапредување на условите за работа во трговијата, стои во апелот на Комората.

Слични содржини