Маркетите и трговците жалат за одлуката: Логично е цените да се намалат за 15-20% доколку се намали маржата на овој начин

од Nikola Popovski
613 прегледи

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун жали поради вчерашните одлуки на Владата за ограничување на трговските маржи. Забележуваат дека во својата изјава, заменик-министерот за економија, Марјан Ристески сам се демантира.

-Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин.

Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања.

Исто така, иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни, посочуваат трговците и супермаркетите преку соопштение.

Предлагаат Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност.

-Со вакви избрзани одлуки, се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата. Овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста. Поради горенаведените причини, Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун бара итна средба со премиерот и министерот за економија и труд, за да ги разгледа последиците од овие одлуки и да ги земе предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност. Овој наш став, од неофицијални извори, го делат или го поддржуваат сите компании што се занимаваат со трговска дејност. Овие компании вработуваат 4700 граѓани и нивното функционирање е од суштинско значење за економската стабилност на државата, стои во ставот на Комората на трговци и супермаркети.

Скалесто ограничување на бруто-профитните маржи на над 1.000 прехранбени производи и средства за хигиена, утврдување на највисоката цена за осум најосновни производи што важела на 1-ви февруари. Владата не попушти пред притисокот од трговците и донесе одлуки кои, како што рече, треба да овозможат поевтинување и до 10 проценти. Ќе стапат на сила по објавувањето во Службен весник и ќе важат до крајот на април.

На 5 отсто се ограничува бруто профитната маржа на основните осум прехранбени производи: млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко. На 10 отсто е ограничена маржата на месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. На 15 отсто е ограничена маржата на свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.

Според заменик-министерот Ристески, се очекува поевтинување и до 10 проценти.

Извештајот на државниот Пазарен инспекторат покажа дека маржата за основните прехранбени производи, како леб, млеко, масло за јадење, во маркетите е над 20 проценти, а кај основните непрехранбени производи (средства за лична хигиена, итн.) е 30 проценти.

Слични содржини