Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез нема да вози на последната трка од оваа сезона во МотоГП шампионатот во Валенсија, поради проблеми со видот, соопшти денеска тимот на Хонда.
Маркез доживеа благ потрес на мозокот при пад на тренинг на 30 октомври, поради што ја пропушти последната трка во Португалија, која во неделата ја освои возачот на Дукати, Франческо Бањаја.
„За време на оваа пауза Марк се уште не се чувствуваше добро и има проблеми со видот. Се одлучивме за конзервативен третман со редовни контроли со цел да го следиме понатамошниот тек“, изјави д-р Санчез Далма.
Маркез го имаше истиот проблем со видот во 2011 година, кога мораше порано да ја заврши сезоната во Мото2 шампионатот по инцидент на трка во Малезија.
„Ова се тешки времиња. По прегледот на лекар, се потврди дека повторно имам проблем со диплопија, како во 2011 година. Потребно е трпение, но ако нешто научив, тоа е дека мора на пречките да гледам позитивно“, рече Маркез.
Шпанецот досега освои шест титули во Мото ГП шампионатот, а оваа сезона титулата ја освои возачот на Јамаха, Французинот Фабио Квартараро.
Трката во Валенсија е закажана за в недела на 14 ноември.