Марковска – Одговорно е раководството, а не цела ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba
133 прегледи

Главната и носечка улога ја има лидерот на партијата, Никола Груевски бидејќи и најголемата одговорност е негова, вклучително и на членовите на Извршниот одбор. Време е одговорноста во партијата да биде со име и со презиме, а да не биде на целата партија, вели поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

gulistana_markovska

 

Во овој момент не се работи за организирана група пратеници кои нешто би постигнале од причина што се работи за група ветерани загрижени за општата актуелна политички состојба за државата, каде се движи Македонија и од причина што во далечната 1990 кога ги удривме темелите на независна Македонија, ние зацртавме Македонија да биде и членка на ЕУ и на НАТО. За жал, тоа досега не се случи.

Велите дека нaместо да се отстрани криминалот и корупцијата, владата шампионски се нурна уште подлабоко во нив. Дали сметате дека оваа влада има капацитет или не сака да се справи со криминалот и корупцијата?

Да нe заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ е многу голема и силна партија во којашто членуваат голем број на луѓе и далеку од тоа дека нема капацитет да се справи со споменатата корупција која што е и по вертикална и по хоризонтална линија. Значи капацитет постои, меѓутоа сметам дека има опструкции и дека имаме едно општо замајување на народот со популистички мерки во коишто таа треба да се скрие.

Од каде доаѓаат тие опструкции?

Тие опструкции доаѓаат од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Ако толку лошо актуелното раководство ја води државата, зошто тогаш членството молчи?

Видете, актуелното раководство не ја водеше толку лошо државата во почетокот, тоа беше периодот кога ВМРО-ДПМНЕ имаше само 300 илјади избирачко тело. Тој број на гласачи понатаму се зголеми на уште повеќе, 500 илјади, тоа беше во далечната 2006 година, 2008, меѓутоа како што изборите се организираат предвремено, пред сè на претседателските, на парламентарните, на локалните, Македонија секои две години постојано живее од избори до избори, процесот на успесите на владата веќе се ставени на специјални програми на Македонската радио и телевизија, што претставува ужасен напор за сите граѓани, бидејќи имам впечаток дека живееме континуирано во избори, останатите партии не можат да дојдат до израз и токму на тоа се должи неможноста на граѓаните да го кажат својот збор на изборите така како што мислат, да победи партијата којашто би можела најмногу да оствари резултати.

Но, зошто членството молчи?

Членството молчи затоа што таква е и матрицата на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш постоела една хиерархија во смисла на почитување на одлуките на највисокото раководство, меѓутоа имало внатре партиска дебата и за обичното и до она што партијата треба да го изгласа како одредени политики за различни области, се стигнувало со дебати. Сега имам впечаток, бидејќи не сум во органите и телата на партијата, дека тие дебати или ги нема или исклучиво се водат во рамките на највисокото раководство на партијата.

целто интервју тука