„Марш на ангелите“ во Скопје – родителите на настраданите во Кочани бараат одговори

од Nikola Popovski
59 прегледи

Семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека, во Скопје во 12 часот и пет минути на протест, насловен „Марш за ангелите“. Според најавата, маршот ќе почне пред Обвинителството, ќе продолжи на Градскиот плоштад и ќе заврши пред Собранието.

„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат па пуштаат, па свесни ли се дека и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со фати па пушти без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли кои и онака се на работ на себеуништување“, истакнаа семејствата во писмено соопштение.

Во повикот тие нагласуваат дека и понатаму ќе бараат одговори за насилната смрт на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на Македонија.

Јавното обвинителство покани на средба на претставници на семејствата, кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка. Поддршка на протестниот марш дадоа од Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

„Достоинствено, но гласно, да испратиме порака дека Македонија заслужува подобро“, велат студентите.

Родителите на младите кои загинаа во трагедијата, на последниот нивни марш во Кочани, во саботата на 26 април, обвинија дека се соочуваат со притисоци и закани за апсење. Тоа според нив, се однесува на инцидентите што се случија по трагедијата, кога беше демолирано кафуле поврзано со сопственикот на дискотеката. На протестот во Кочани тие побараа одговорност од министерот за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност и од обвинителството.

„Кој дозволи нашите ангели да ги убијат? Кој потпишува документи дека нашите ангели се безбедни на јавни и нејавни простори?“, праша една од мајките на загинатите.

Во пожарот во „Пулс“, животите ги загубија 59 лица, тројца подоцна им подлегнаа на повредите, а околу 100-на беа повредени. Досега над 60 физички и 3 правни лица се опфатени во истрагата на Обвинителството.

Слични содржини