Марш на „црвените чадори“ во Скопје: Сексуалната работа сѐ уште не е правно регулирана

од Nikola Popovski

Денеска во центарот на Скопје се одржа јубилејниот 15-ти Марш на „црвените чадори“ по повод одбележувањето на 17-ти декември-Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници и работнички. Маршот тргна од пред Спомен куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ кон плоштадот „Македонија“.

Присутните порачаа дека веќе не се скриени во општеството, туку гласно и гордо зборуваат за своите права. Тие велат дека денеска достоинствено маршираат низ Скопје, заедно со голем број активисти и поддржувачи, за разлика од пред 15 години, кога постоел страв да излезат во јавност.

Сексуалната работа сѐ уште не е правно регулирана во земјава.

Сексуалните работнички апелираат што побрзо да се направат промени во членот 191 од Кривичниот закон и член 19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и конечно нивната работа да биде легална. Споделуваат податоци дека само во 2021 и 2022 година се документирани 34 случаи на прекршување на правата, од кои 20 се однесуваат на родово базирано насилство.

Првиот Марш на црвените чадори беше одржан во Скопје на 17-ти декември 2008 година, во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група СТАР-СТАР.

Слични содржини