Марш за 8. март: „Ќе преживеат ли жените овде?“

од Nikola Popovski
148 прегледи

Повеќе невладини организации здружени во Платформа за родова еднаквост на 8-ми март ќе организираат Марш за женски права. Се потенцира дека оваа година маршот ќе биде под слоганот: „Ќе преживеат ли жените овде?“ и ќе почне во 18:00 часот на плоштадот „Филип II“ во центарот на Скопје.

-Да се биде жена или девојка во оваа земја значи секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување: Дали ќе го преживеам ова возење со такси? Дали ќе го преживеам овој месец? Дали ќе го преживеам браков? Дали ќе го преживеам породувањето? Дали ќе ја преживеам оваа операција? Дали ќе го преживеам насилството? Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден.

Овој марш е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените, стои во повикот за марш, објавен на социјалните мрежи.

Од Платформата ги охрабруваат учесниците да земат со себе реквизити со кои ќе бидат погласни како што се свирчиња, тенџериња и дрвени лажици, светлечки батерии, транспаренти.

Маршот ќе заврши во паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.

Слични содржини