Под слоганот: „Ќе преживеат ли жените овде“ денеска се одржува марш на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март. Оваа година маршот ќе биде со почеток во 18:00ч. на плоштадот „Филип II“.
-Овој марш е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените, велат од Платформата за родова еднаквост.
-Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот. Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири, додаваат од Платформата за родова еднаквост.
Маршот ќе заврши во паркот „Жена Борец“, со завршни обраќања до јавноста и институциите.
Меѓународниот ден на жената е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.