Мас: Германија е подготвена да помогне во решавање на спорните прашања меѓу С. Македонија и Бугарија

од Nikola Popovski
410 прегледи

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас смета дека С. Македонија и Албанија не треба да се разделат на патот кон ЕУ, и покрај блокадата на Софија и бара преговорите да почнат што е можно побрзо.

„Сакам многу јасно да кажам дека Германија многу сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот. Особено тоа важи за Северна Македонија која одамна ги исполни условите за пристапување кон ЕУ и затоа минатата есен вложивме многу заложби да ја одржиме првата меѓувладина конференција во рамки на нашето претседателство. Тоа не успеа, но сега за време на португалското претседателство и понатаму работиме на тоа, тоа не само што има смисла туку е и неопходно, имајќи ја предвид довербата што граѓаните од Северна Македонија ја имаат во нас, но исто така и интерес на ЕУ е да бидеме што е можно побрзо во можност да ја отвориме таа пристапна конференција“, рече Мас на денешната прес-конференција со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Мас додаде и дека Германија е подготвена да помогне во решавање на спорните прашања меѓу Северна Макеоднија и Бугарија, но дека клучно е спорот да се реши билатерално.

„Минатата година имавме интензивни преговори со партнерите во Скопје и Софија и нудиме и понатаму поддршка со нашите искуства доколку тоа е посакувано од двете земји. Централно е дека овие прашања треба да се решат на билатерално ниво. Историчарите мора да ги водат преговорите во рамки на комисиите, без притисок од надвор“, изјави Мас.

Ссоговорниците разговарале и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, состојбите поврзани со КОВИД-19 пандемијата, актуелни прашања од доменот на меѓународната политика, како и соработката во бројните мултилатерални организации.

„Потврда за успешноста на билатералната соработка е фактот што Германија е трговски партнер број еден за нашата земја. Над 200 компании од Германија се партнери на нашите компании, каде работат преку 20 илјади наши граѓани. Често повторувам затоа што лично сметам дека бизнисот треба да ги предводи дипломатските односи меѓу земјите и затоа посакувам многу повеќе германски бизнис кај нас“, рекол Османи.

Посетата на министерот Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.

Слични содржини