Мас: Односите нема автоматски да се подобрат доколку Трамп изгуби

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Односите меѓу Берлин и Вашингтон нема автоматски да се подобрат доколку Доналд Трамп изгуби на претстојните претседателски избори, изјави германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

„Оние во Европа кои сметаат дека сè ќе се промени во Белата куќа, треба да бидат подготвени за фактот дека дури и во тој случај, односите нема да бидат опуштени како што беа порано“, изјави Мас за „Раинише Пост“, додавајќи дека американската надворешна политика се сменила и безбедносната политика, и тоа не само откако Трамп дојде на власт.

Берлин работи на обезбедување на тоа дека трансатлантските односи имаат иднина без оглед на разликите во мислењата.

– Видовме дека комуникацијата е тешка и дека Белата куќа носи одлуки без претходен разговор со партнерите во Европа. Но, ни треба САД во иднина. И обратно. САД остануваат нашиот најважен партнер надвор од Европа, рече Мас.

На прашањето да ги коментира обидите на Трамп да ја врати Русија во Г7, Мас рече дека тој не го поддржува тоа и дека главната причина за тоа е анексијата на Крим и конфликтите во источна Украина.

– Додека не најдеме решение, нема шанси тоа да се случи. Самата Русија може да придонесе најмногу за повторно отворање на таа врата, рече Мас.