Во судирите меѓу бандите во затворот во Гвајакил во југозападниот дел на Еквадор загинаа 58 лица, изјави началникот на тамошната локална полиција.
Полицискиот генерал Тања Варела на прес-конференцијата рече дека во судирите меѓу затворениците, кои започнале во петокот, загинале 58 затвореници, а 12 се повредени.
Полициската интервенција во обид да се воспостави ред во затворот спаси многу животи, изјави Пабло Аросемена, гувернер на провинцијата Гвајас, чиј главен град е Гвајакил.
Во затворот Гуајас на 28 септември биле убиени 119 луѓе, во најголемиот масакр во затворот во Еквадор и еден од најголемите во Латинска Америка.
Некои затвореници биле распарчени или запалени во судирите на бандите во кои учествуваа наркодилери и мексикански картели.
Оттогаш насилството не престанува во затворот каде има 8.500 затвореници и кој според официјалните податоци е пренатрупан со дури 60 отсто над капацитетот.
По инцидентите во септември беа убиени уште 15 затвореници, што доведе до вкупно 134 жртви.
Повеќе од 250 луѓе се убиени во немирите во еквадорските затвори од почетокот на годината.
Во февруари, 79 затвореници беа убиени во истовремени немири во четири затвори.
Септемврискиот масакр ја поттикна еквадорската влада да прогласи вонредна состојба во затворскиот систем на 60 дена. Во тоа време, војската и помагаше на полицијата во обидот да воспостави ред во 65 затвори во земјата.
Сите затвори имаат вкупен капацитет од 30.000 места, но имаат 39.000 затвореници или 30 отсто над капацитетот.