Масакрот во БиХ го извршил вработен во училиштето – убиен директор, секретарка и професорка

од Vladimir Zorba
119 прегледи

Сторителот на тројното убиство што денеска се случи во училиштето во Сански Мост во северозападна Босна е чувар на училиштето, а неговите жртви се вработени со кои наводно претходно имал конфликт, јавуваат локалните медиуми и полицијата.

Полицијата само потврди дека во гимназијата се убиени три лица, но медиумите наведуваат дека убиецот е Мемхед Вукалиќ, додека негови жртви се директорот на гимназијата Нијаз Халиловиќ, професорката по англиски јазик Гордана Ниџан и секретарката на училиштето Нисвета Кљуниќ.

„Можеме само да потврдиме дека убиецот бил вработен во училиштето, како и жртвите“, изјави Аднан Бегановиќ, портпарол на МУП на Унско-санската општина.

Откако со автоматска пушка ги убил, насилникот се обидел да се самоубие, а полицијата го нашла во тешка состојба, па бил пренесен во болницата во Бања Лука.

Во моментот кога нешто по 10 часот во училиштето беше извршено тројното убиство, во тек биле поправните испити, но нема потврда дали и колку ученици имало во зградата.

Очевидци за порталот „Независне“ од Бања Лука велат дека убиецот конкретно ги барал директорот, професорката и секретарката.

Тие претпоставуваат дека мотив за ова злосторство биле претходни конфликти.

Тројцата убиени наводно биле членови на комисијата која претходно му изрекла дисциплинска мерка суспензија на убиецот поради прекршување на работните обврски.

Сите полициски сили во Сански Мост го обезбедуваат местото на злосторството, а во тек е увид чија цел е да се утврдат сите околности.

Слични содржини