Употребата на генеративна вештачка интелигенција (ВИ) во креирањето содржини е сè уште во почетна фаза, но развојот на оваа област несомнено се забрзува. Леснотијата на управување со ВИ алатките овозможи нивна широка употреба, а најголем интерес во изминатата година имаше за апликацијата ChatGPT на компанијата Open AI. Покрај алатките за креирање литературна содржина, постојат и оние апликации што овозможуваат генерирање фото, аудио и видео содржина. Многумина со задоволство ги прифатија новите можности, и новинарите и оние што сакаат да ги злоупотребат придобивките од новите технологии, што им задава главоболки првенствено на проверувачите на факти и законодавците.
Прашањето за користење на вештачката интелигенција при креирање содржини станува сè порелевантно и во новинарството и во другите области. Институтот на Ројтерс за изучување на новинарството, во своето истражување за иднината на занаетот и медиумите, споменува извештај на Европол од лани во кој се вели дека огромното мнозинство содржини на Интернет ќе бидат произведени од ВИ, а ова важи и за содржината во медиумите. Ваквите прогнози предизвикаа стравувања дека вештачката интелигенција ќе ги замени новинарите во редакциите.
ВИ во новинарството – кои се позитивни, а кои негативни работи од користењето?
Според новинарката и коосновачка на невладината организација, Катарина Синадиновска оценува дека ВИ треба да се користи, но, како алатка, а не како замена за новинарот. Во разговор за „Локално“, објаснува дека ВИ може да помогне во брзо обработување на податоци, транскрипции, документација и контекст и може да ни заштеди време за ние да се посветиме на суштинските делови од новинарската работа: истражување, проверка и човечка перспектива.
-Притоа, точно е дека ризици има и тие се реални. Постојат грешки, недоволно проверени информации, губење на авторски стил и одговорност. Ако се користи несоодветно, може да доведе до слабеење на професионалните стандарди и зголемување на манипулативна содржина. Затоа клучно е да нагласиме дека ВИ може да помогне, но одговорноста секогаш останува – природна, човечка, потенцира новинарката.
Синадиновска е децидна дека ВИ може да замени одредени рутински и технички задачи, но не и професионално новинарство. Новинарството не е штуро пишување, тоа значи сомнеж, проверка, етика, контакт со луѓе, разбирање на контекст и последици, додава соговорничката.
-Тоа се способности коишто произлегуваат од искуство, емоција и вредности, не само од технологија. Содржините направени само со ВИ можат да изгледаат убедливо, но без човечка проверка тие може да се и „исплакнати“ и несигурни. Тие стануваат релевантни дури тогаш кога новинар ќе ги провери, коригира и ќе преземе одговорност за нив, вели Синадиновска.

Фото: Катарина Синадиновска
Нема дилеми дека ВИ има трансформативна улога во реформирањето на работата на медиумската индустрија, и тоа како од уредувачки, така и од деловен аспект. Тоа бара нови вештини, алатки и работни навики. Но, имајќи ја предвид природата и ограничувањата на ВИ, тоа не значи дека редакциите ќе се испразнат и ќе станат канцеларии за паметни машини. Иднината многу повеќе ќе личи на нова форма на соработка: меѓу луѓето и машините.
Алатките за вештачка интелигенција можат да го подобрат новинарството со преземање рутински задачи, дозволувајќи им на новинарите да се фокусираат на посложени и понијансирани известувања. Дури и повеќе, улогата на новинарите се смета за поважна од кога било, бидејќи содржината генерирана од ВИ би можела да го преплави интернетот со лажни информации доколку нема човечки надзор и етичко резонирање.
Околу тоа дали имаме проблем и со читателите односно македонската публика бидејќи има луѓе кои не можат да препознаат дали текстот е напишан со вештачка интелигенција или од новинар и колку е тоа важно за фелата, Синадиновска укажува дека тоа е голем проблем. Од една страна, дел од публиката навистина не препознава кога текст е генериран со ВИ, а од друга страна и дел од медиумите не ја откриваат употребата на вакви алатки.
-Ова е важно поради транспарентноста, довербата и професионалниот интегритет. Не е проблем ако новинар користи ВИ. Проблем е кога тоа се крие, кога нема проверка и кога никој не стои зад текстот. Читателот има право да знае кој и како ја создал содржината, а обврска на медиумите е тоа да го обезбедат, подвлекува соговорничката.
Постои реален страв дека вештачката интелигенција би можела да послужи како дополнителна, но исклучително моќна алатка во однос на сите други за пропагирање на различни интереси, што обично се спротивни на јавниот интерес. Државните институции сè уште не се занимаваат со прашањето за уредување на таа област. Кои се можностите на новинарската заедница да ги заштити стандардите и етиката на професијата? Како да ја искористиме моќта на вештачката интелигенција за да изградиме силна иднина за нашата работа? Оправдан е стравот, вели Синадиновска. Според неа, ВИ може да произведува огромна количина дезинформации, лажни наративи, манипулирани фотографии и видеа и да таргетира специфични групи со прецизно насочени пораки.
-Институциите и општествата сѐ уште доцнат со регулирање на оваа област. Токму затоа новинарската заедница мора да дејствува сама и навреме. Потребни се модификации на етичките кодекси, јасни редакциски правила за користење на ВИ, силен акцент на етиката, јасно означување кога е користена технологија, континуирана едукација на новинарите и соработка со факт-чекери и академската заедница. Паралелно, мора да ја зајакнуваме и медиумската писменост кај јавноста уште од најмала возраст. Да заклучам – многу ризици има, но, ова е новото време и ниту можеме да се бориме против, ниту ВИ треба да ја гледаме како непријател. Ако ја користиме одговорно, може да биде силна поддршка за анализи, истражувачко новинарство, поголема транспарентност и подобра служба на јавниот интерес. Оти, моќта никогаш не е во технологијата сама по себе, туку во тоа – кој, како и со која намера ја користи, заклучува новинарката.
Клучот е во моделот „ВИ како асистент, а не како автор“
„Таа е последното големо технолошко достигнување и треба да се користат сите предности и корисни аспекти од ова. Позитивни страни се лесното, брзо пребарување и селекција на информации, поврзување на информациите, нивна преработка, споредување, и најважно, ВИ денес може да креира нови информации и содржини врз основа на оние кои ѝ се достапни“ – ваков е ставот на комуникологот Сеад Џигал за користењето на ВИ во новинарството. Сепак, посочува дека негативностите се т.н. ВИ халуцинирање или генерирање погрешни информации, како и сѐ почестата ВИ пристрасност, т.е. необјективна обработка и креирање содржини преку ВИ зависно од селективното внесување на информации во ВИ сервисот.
Џигал во разговор за „Локално“ го дели ставот на Синадиновска дека ВИ не може да ги замени новинарите затоа што новинарската работа е многу повеќе од она што засега го прави алатката.
-Новинарството вклучува смислено контекстуализирање и селекција на информации по тема, извор, релевантност, актуелност, и др. како, донесување низа етички и вредносни судови особено во истражувакото новинарство. Исто така, ВИ засега нема капацитет да врши критичка обработка на содржини или да прави корекции на грешки во информациите кои ги обработува, вели соговорникот, додавајќи дека во одреден дел новинарските содржини креаирани со ВИ се корисни да сумираат клучни информации, да ги споредат и да ги преработат во други формати, како на пример во видео, аудио, графикони, табели и сл.

Сеад Џигал
-Во делот на генерирање на нови информации преку внесување одредени промптови се препорачува тие да се проверуваат од искусни новинари и стручни лица. Таков пример беше кога OPEN AI, сопственикот на Chat GPT, се огради од негово користење за медицински и правни совети без проверка од стручно лице, објаснува комуникологот.
За проблемот со македонската публика, Џигал укажува дека најчесто овие содржини се сретнуваат на социјалните мрежи и на одредени агрегатори за вести. За жал, како што вели, често се случуваат грешки во толкувањето и споделувањето информации, па тие потем масовно се шират онлајн.
-Генерално дигиталната писменост, а со тоа и ВИ писменоста, не се на задоволително ниво кај нас и треба многу да се работи на тоа поле, на сите нивоа на едукација. Колку е тоа важно за фелата? Многу е важно затоа што медиумите сакале нејќеле мора да се прилагодуваат на својата публика и да ги следи нивните интереси, но и да се прилагоди на нивните знаења за примање и следење на медиумските информации, опишува Џигал.
Најчести потенцијални замки во кои може да западнат новинарите кои користат алатки за вештачка интелигенција се можноста да се стори клевета ии навреда затоа што вештачката интелигенција може да генерира дезинформции и лажни вести. Со неодговорна употреба на ВИ, новинарите, намерно или не, можат да ја нарушат приватноста затоа што вештачка интелигенција може да генерира текстови кои би ја нарушиле приватноста на поединци или групи.
Соговорникот заклучува дека стравот од злоупотреба на вештачката интелигенција е оправдан, бидејќи во оваа фаза ВИ комуникациски и општествено е сѐ уште многу ризична. Смета дека таа може да функционира како „мултипликатор на моќ“, т.е. драматично ја засилува видливоста, брзината и убедливоста на инфромациите. Во услови кога државните институции доцнат со регулатива, одговорноста привремено, но неизбежно, паѓа врз новинарската заедница.
-Прво, новинарската заедница мора да ја зацврсти професионалната саморегулација. Постоечките етички кодекси треба да се ажурираат со јасни насоки за користење на вештачка интелигенција: кога е дозволена, за што смее да се користи и каде мора да постои човечка контрола. Транспарентноста е клучна, публиката има право да знае дали и на кој начин е користена ВИ во создавањето на содржината.
Како да ја искористиме моќта на вештачката интелигенција за да изградиме силна иднина за нашата работа? Вештачката интелигенција не треба да се гледа само како закана, туку и како алатка за зајакнување на квалитетното новинарство. Таа може да помогне во анализирање големи бази на податоци, откривање коруптивни шеми, следење на јавни политики и подобро разбирање на сложени процеси, задачи кои инаку бараат огромно време и ресурси. ВИ може да го ослободи новинарот од рутинските, технички задачи и да му овозможи да се фокусира на она што машината не може да го замени: контекстот, критичкото мислење, етичката проценка и човечката емпатија. Клучот е во моделот „ВИ како асистент, а не како автор“, анализира Џигал.
„Доколку публиката не знае кој стои зад содржината, во тој случај станува нејасно кај кого лежи одговорноста“
За став на темата ги прашавме и од Здружението на новинари на Македонија. Оттаму ни порачаа дека со напредокот на технологијата неминовно е да се случуваат промени. Според ЗНМ, одбивањето да се користи вештачка интелигенција би значело враќање назад или тапкање во место, а тоа никому не му е од корист.
-Намената на ВИ е да помага во работењето односно да се користи како алатка, односно не треба да го замени новинарот туку да му помогне да ја заврши работата побрзо.
Позитивната страна на користењето на вештачката интелигенција е нејзината способност да презема повторливи и временски барани задачи. Тоа значи брзо да обработува големи количини податоци, да сумира обемни документи, да препознае трендови и да помогне во визуелизација на сложени информации. Во услови на ограничени ресурси и кратки рокови, особено на мали медиумски пазари како македонскиот, ова значително им помага на новинарите да работат поефикасно и да се фокусираат на анализа, истражување и контекстуализација. На тој начин, AI може индиректно да придонесе за поквалитетно и подлабоко новинарство, во корист на јавниот интерес, посочуваат од ЗНМ за „Локално“ и предупредуваат дека постојат и ризици:
-Вештачката интелигенција може да биде пристрасна, бидејќи ги репродуцира слабостите на податоците врз кои е тренирана. Без човечки надзор, таа може да доведе до поедноставување на сложени приказни, погрешни заклучоци или дури ширење дезинформации. Дополнително, прекумерното потпирање на AI може да ги ослаби новинарските вештини и критичкото размислување, а постојат и ризици поврзани со безбедноста на податоците и заштитата на изворите. Затоа, клучот е во одговорната и етичка употреба, апелираат од Здружението.
ЗНМ е децидно дека ВИ нема да ги замени новинарите, туку ќе ја промени природата на нивната работа. Наведуваат дека иако може да генерира текстови, резимеа или автоматизирани вести врз основа на податоци, таа нема капацитет да ја замени суштинската улога на новинарот: критичкото размислување, етичката проценка, контекстуалното разбирање и одговорноста кон јавниот интерес.
-Новинарството не е само обработка на информации, туку и нивно толкување, проверка и ставање во поширок социјален, политички и културен контекст – нешто што алгоритмите не можат целосно да го постигнат.
Новинарските содржини креирани со помош на вештачка интелигенција можат да бидат релевантни, но само во одредени рамки. Тие се најкорисни за рутински, податочно базирани вести, како финансиски извештаи, спортски резултати или временски прогнози, каде што брзината и точноста се клучни. Сепак, кај сложени, чувствителни или истражувачки теми, AI-содржините често се површни, без длабочина, емпатија и разбирање на контекстот, а постои и ризик од пристрасност или неточности доколку нема човечка проверка.
Затоа, релевантноста на AI-креираните новинарски содржини зависи од степенот на човечки надзор. Кога вештачката интелигенција се користи како поддршка, а не како замена, таа може да ја зголеми ефикасноста и да го ослободи времето на новинарите за поквалитетна работа. Но, кредибилитетот, довербата и општествената улога на новинарството и понатаму остануваат нераскинливо поврзани со човечкиот фактор, одговараат од ЗНМ на прашањето.

Фото: Фејсбук/ЗНМ
Со оглед на тоа дека сите се уште се навикнуваме на присуството на ВИ, појаснуваат од Здружението дека разбирливо е како постои несигурност кај публиката дали медиумскиот производ е направен со истата. Проблемот не е толку во тоа што публиката „не препознава“, туку во ризикот од губење на довербата ако нема јасни правила и транспарентност.
-Доколку публиката не знае кој стои зад содржината, во тој случај станува нејасно кај кого лежи одговорноста. Живееме во ера на дезинформации така што тоа станува дополнителен проблем, токму заради нејаснотијата околу потеклото на изворната информација. Затоа, за фелата е клучно медиумите отворено да комуницираат кога и како користат вештачка интелигенција.
За да се подобри ова, од голема важност е и зголемување на медиумската писменост со цел јавноста да научи критички да ги чита содржините, без разлика на начинот на нивно создавање. На крај, разликата меѓу текст напишан од новинар и текст генериран од вештачка интелигенција не е само техничко прашање, туку прашање на одговорност, етика и доверба.
На оваа тема ЗНМ одржува обуки, последната во редот обуки беше одржана во 2024 година во Крушево, каде што имавме експерти кои заедно со новинарите учесници темелно ја разработија темата и придонесоа кон унапредување на подготвеноста на новинарите при користење на ВИ во рамките на секојдневната работа, информираат од Здружението.
Колку за потсетување, ЗНМ е независно, самостојно, невладино и непартиско здружение, чија цел е да биде промотор и заштитник на професионалните стандарди и на слободата на изразување. Оттаму појаснуваат дека една од најважните можности за самозаштита е јасното поставување професионални правила и етички насоки за користење на вештачката интелигенција. Сметаат дека новинарската заедница може да развие интерни кодекси и препораки што ќе утврдат каде и како AI смее да се користи, а каде е неопходна исклучиво човечка проценка.
-Колективниот став и саморегулацијата се особено важни во отсуство на институционална рамка, бидејќи испраќаат порака дека професијата е свесна за ризиците и активно работи на нивно минимизирање.
За заштита се потребни континуирани обуки, кои ние како Здружение ги вклучуваме редовно во нашите активности. Само со постојана едукација на новинарите во врска со начинот на функционирање и одговорна употреба на ВИ, ќе се намали ризикот од нејзина злоупотреба.
Од друга страна, ВИ може да го олесни и забрза обработувањето на податоци . овинарската заедница може да развие етички и професионални стандарди за користење на AI, со јасни правила за човечки надзор, проверка на фактите и транспарентност кон публиката. На овој начин, AI станува партнер кој ја зајакнува квалитетната содржина, а не ризик за довербата на јавноста.
Во насока на одржување на етичките стандарди на новинарството, во моментов сме во процес на промена на Кодексот на етика за новинари, иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) , заедно со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Целта на новиот етички кодекс е да одговара на на современите потреби и предизвици со кои се соочува медиумската сфера, меѓу кои и вештачката интелигенција.
Важно е да се потенцира дека иднината на новинарството не зависи од тоа дали ќе биде прифатена или отфрлена туку зависи од начинот на кој ќе се користи ВИ. Новинарството и ВИ не се на спротивни страни, туку тие се комплетирани и така треба да се доживуваат, заклучуваат од ЗНМ.
Н.П.