Втор ден штрајк со глад на машиновозачите. Откако веќе две недели чекаат. На машиновозачите денеска не им бил дозволен ни пристап до просториите на синдикатот, по што решиле да постават шатор пред железничкото депо во Лисиче.
Душко Чакаровски, Претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија , вели дека денеска го сретнале и директорот на Македонски Железници-Транспорт, Никола Костов кого го прашале зошто им е забранет влезот во зградата, а за возврат како одговор добиле закани.
„Знаете ли вие што правите, никој не ве сака, па вие ќе останете без работа, па вие имате фамилии, па дури и ни кажува дека оние што возат ги наградил со по 20 илјади денари, значи со такви изговори, такви уцени и закани. Е тоа е неговиот контакт со машинскиот персонал, така разговара. Изјавите на генералниот директор во јавноста се дека сообраќајот е нормализиран и возовите сообраќаат. Само мала група бојкотира и не сака да ги извршува работните задачи. Но, само една мала група од 10 до 15 луѓе вози, а стотина чекаат средба со министерот“, вели Чакаровски.
Од Министерството за транспорт и врски во врска со бојкотот на железничарите кои трае некоклку недели, испратија сопштение:
Министерството за транспорт и врски во соработка со МЖ Транспорт АД Скопје во континуитет ја решава ситуацијата со планот за исплата на платите, кој план е економски оправдан и рационален и прифатен од сите сидикати кои учествуваа во преговорите.
Врз основа на постигнатиот договорот меѓу Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, директорот на МЖ Транспорт АД, Никола Костов и синдикатите кои се вклучија во преговорите, досега:
– Исплатена е цела плата за месец јуни во износ од 43 милиони денари
– Исплатена е цела плата на месец јули во износ од 43 милиони денари
– Исплатена е денеска половина плата за мецес август во износ од 22 милиони денари
– Исплатен е надомест за изминат километар во износ од 5 милиони денари
– Исплатена е награда за професионална извршена работа на 36 вработени во вкупен износ од 510 илјади денари
Притоа решен е проблемот и со здравственото осигурување, а идната недела вработените ќе ја земат и другата половина од платата за месец август која е договорена според планот за исплата а е барање на сидникатите што преговараа. Мораме да истакнеме дека платите што доцнеа се исплатени и пред договорените рокови, односно во еден месец исплатени се над 114 милиони денари.
Сметаме дека постои обид за политизирање на штрајкот од одредени структури, што сметаме дека е неодговорен однос кон сите вработени во Железницата. Мора да истакнеме дека синдикатот кој штрајкува незаконски уште од самиот почеток, нанесува огромни штети во Железницата.
Мораме уште еднаш да истакнеме дека најголема заслуга во надминување на состојбата во Железница имаат вработените кои со својот професионален однос не подлегнаа на заканите и притисоците на синдикат кој моментално штрајкува, стои во соопштението на транспорт и врски.
