Маск доби одобрение од FDA за клинички испитувања на мозочните чипови врз луѓе

од Stefanija Kuzmanovska
489 прегледи

Невротехнолошката компанија Neurolink, која ја основа милијардерот и сопственик на Tesla, Twitter и SpaceX, Елон Маск заедно со неколку соработници, доби одобрение од американската Администрација за храна и лекови (FDA) за првите клинички испитувања на мозочни чипови на луѓето. Оваа компанија се занимава со производство на чипови „Линк“ кои имаат за цел да им помогнат на пациентите со тешка парализа да ја контролираат надворешната технологија преку невролошки сигнали.

Технологијата на Маск, инаку, не е непозната во светот на науката, а уште неколку компании и научници се обидуваат да ја имплементираат. Но, ниту еден од нив не доби зелено светло од FDA за работа и пробивање на пазарот.

„Возбудени сме што можеме да споделиме дека добивме одобрение од FDA да ја иницираме нашата прва клиничка студија на луѓе! Ова е резултат на неверојатната работа на тимот на Neurolink во тесна соработка со FDA и е важен прв чекор кој еден ден ќе ѝ овозможи на нашата технологија да им помогне на многу луѓе – се наведува во соопштението на компанијата на Твитер во кое се додава дека регрутирањето за клинички испитувања сè уште не е отворено.

Neurolink е американска компанија основана во 2016 година со седиште во Калифорнија и е дел од новиот интерфејс мозок-компјутер. Тоа е систем кој ги дешифрира мозочните сигнали и ги преведува во команди за надворешни уреди. Научниците и програмерите со децении се обидуваат да развијат ваков тип на технологија која би можела да им помогне на пациентите кои се борат со парализа. Се очекува дека чиповите подоцна би можеле да им го олеснат животот на слепите лица, како и на луѓето со различни ментални болести.

Слични содржини