Маск: Европската комисија е недемократска институција

од Nikola Popovski
273 прегледи

Сопственикот на компанијата „X“, Илон Маск ја критикуваше новоодобрената Европска комисија, нарекувајќи ја институцијата „недемократска“, што е најново во неговата серија јавни критики за институциите и креирањето политики на Европската унија.

„Парламентот на ЕУ треба директно да гласа за прашањата, а не да ги предава овластувањата на Комисијата на ЕУ“, објави на својата платформа „Х“, блискиот советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, откако членовите на Европскиот парламент дадоа зелено светло за новата Комисија, објави „Политико“.

Сепак, европарламентот има можност директно да гласа за европските комесари, наведува бриселскиот портал, додавајќи дека заедно со претставниците на националните влади во Советот на ЕУ, пратениците одлучуваат и како ќе се обликуваат законите на ЕУ.

Претходно вчера Европскиот парламент одобри 26 комесари – „за“ гласаа 370 пратеници, „против“ беа 282, а 36 беа „воздржани“.

Нивната потврда го означи крајот на повеќемесечниот процес на транзиција, кој започна со европските избори во јуни и продолжи со повеќенеделни судири меѓу левичарските и десничарските групи во европскиот блок, пишува порталот.

Комесари, по еден од секоја земја на ЕУ, ги назначуваат шефовите на влади на земјите-членки.

Претседателката на Комисијата, во овој случај Урсула фон дер Лајен, потоа доделува портфолија на секој од номинираните.

По гласањето во ЕП, последниот чекор во формирањето на новата Комисија е официјално да биде именуван од Европскиот совет со квалификувано мнозинство, по што таа ќе може да ја преземе функцијата на 1 декември.

Слични содржини