Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, објави дека социјалната мрежа ги паузира претплатите за верификација на профилите до 29-ти ноември.
– Рестартирањето на верификацијата е одложено додека не се постигне голема доверба во запирање на лажното претставување (на мрежите). Најверојатно ќе се користат различни проверки за организации во споредба со поединци – напиша Маск како твит, пренесува Ројтерс.
Таканаречената „сина ознака“ (штиклирање) претходно беше резервиран за проверени профили на политичари, познати личности, новинари и други јавни личности.
Опцијата за претплатата на „сината ознака“, која е отворена за сите што сакаат да платат, беше воведена претходно овој месец за да му помогне на Твитер да ги зголеми приходите додека Маск се бори да ги задржи огласувачите.
Твитер ја паузираше услугата за верификација на профил од 8,0 долари, откако лажните профили се размножија, велејќи дека претплатата ќе биде рестартирана на 29-ти ноември.
Маск исто така на Твитер објави дека социјалната мрежа додала 1,6 милиони корисници минатата недела, што претставува „уште еден историски рекорд“.
Огласувачите на Твитер, вклучително и големите компании како General Motors, Mondelez International, Volkswagen, го прекинаа рекламирањето на оваа платформа поради контроверзните одлуки на новиот шеф на социјалната мрежа.
Се проценува дека стотици вработени на Твитер дале отказ минатата недела, откако Маск им дал ултиматум да се пријават за „долги работни часови со висок интензитет“ до четврток, 17-ти ноември – или да си заминат.