Американскиот милијардер и дел од администрацијата на Доналд Трамп, Илон Маск повторно го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го дека сака „вечна војна“ со Русија.
Маск, близок советник на претседателот на САД и клучен застапник за намалување на американската федерална администрација, честопати ги искажува своите мислења за надворешната политика на САД и европските прашања преку неговата социјална мрежа „Х“.
„Зеленски сака вечна војна, бескрајна машинерија на корупција и страдање“, напиша Маск на X, додавајќи: „Ова е зло“.
Во посебна објава, Маск тврди дека Зеленски имал избор да „бара мир“ со Москва, но наместо тоа избрал крвопролевање.
„Ова е сурово и нехумано“, додал тој.
Во првите месеци од руската инвазија, Маск беше поздравен како клучен сојузник на Украина, откако донираше илјадници сателитски терминали „Starlink“ за да помогне во обновата на уништената комуникациска инфраструктура. Сепак, неговиот став се промени откако почна да шири проруски наративи, според Киев. Маск ја критикуваше американската воена помош за Украина, тврдејќи дека средствата се испраќаат „без одговорност и без јасна цел“, додека ги насочуваше своите најжестоки напади кон Зеленски, исмејувајќи ги неговите апели за дополнителна помош и противењето на принудните преговори со Москва.
Последните изјави на Маск доаѓаат по минатонеделниот состанок на Овалната соба меѓу Трамп, Зеленски и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој заврши со ненадејното заминување на украинскиот претседател од Белата куќа и ги засили стравувањата дека Вашингтон може целосно да ја прекине поддршката за Киев, пишува „Политико“.