Илон Маск, сопственик на платформата „X“ и член на американската администрација ја обвини Украина за „масовен сајбер напад“ што предизвика глобален прекин на платформата во понеделникот, оставајќи ги корисниците неспособни да објавуваат или испраќаат пораки.
„Не сме сосема сигурни што се случи, но имаше масовен сајбер напад од IP адреси во Украина“, соопшти Маск. „Нападите се секојдневни, но овој беше извршен со големи ресурси. Вклучена е голема координирана група и/или земја. Истражуваме, напиша пред тоа на „X“.
Проблемите на платформата почнаа вчера, а веб-страницата Downdetector, која ги следи прекините на интернет услугите, забележала повеќе од 10.883 пријави пред пладне. Прекинот ги погоди големите градови како Лондон и Бирмингем во Обединетото Кралство и Њујорк и Лос Анџелес во САД, а корисниците во Македонија исто така доживеаја потешкотии.
Сепак, не сите веруваат во тврдењата на Маск за сајбер напад од Украина. Експертите за сајбер безбедност предупредуваат дека IP-адресите може да се прикријат или изменат за да изгледаат дека доаѓаат од одредена локација. Дополнително, ситуацијата ја комплицира и хакерската група „Dark Storm Team“, која ја презеде одговорноста за нападот преку објава на „Telegram“.
Групата претходно беше насочена кон важни деловни сектори во Израел и земјите-членки на НАТО, а неодамна се закани со напади на владините веб-страници на земјите од НАТО, Израел и нивните сојузници. Изјавите на Маск дополнително подигнаа загриженост со оглед на неговите претходно изразени ставови за Украина. Како советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Маск ја поддржа одлуката на Трамп да ја повлече воената помош за Украина.
Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари во 2022 година и го преименува во X, воведувајќи бројни промени, вклучително и модел на претплата за премиум корисници со дополнителни опции како што се подолги објави, можност за уредување твитови и подолги видеа.
Притисок врз технолошкиот сектор
На Волстрит, берзанските индекси во понеделникот остро паднаа, продолжувајќи го негативниот тренд од минатата недела.
Вчера најмногу падна индексот на технолошкиот сектор „S&P 500“, во просек за 4,4 отсто, а меѓу најголемите губитници беа акциите на „Tesla“, чија цена падна за повеќе од 15 отсто. Откако извршниот директор на „Tesla“ му се приклучи на тимот на Трамп во средината на декември, цената на акцијата на „Tesla“ падна за повеќе од 50 отсто, бришејќи 800 милијарди долари од пазарната вредност на компанијата.
Според Форбс, богатството на Маск е намалено за 139,4 милијарди долари од врвот од 464 милијарди долари во декември. Моментално изнесува 324,6 милијарди долари, а само во понеделникот, откако „X“ падна, загуби 18 милијарди долари поради падот на акциите на „Tesla“.