Милијардерот и сопственик на компаниите SpaceX, Tesla и X, Илон Маск, јавно ја изрази својата поддршка за партијата AfD, која ја собира екстремната десница во Германија, пред предвремените избори закажани за февруари.
На својата социјална мрежа Х, Маск напиша дека „само AfD може да ја спаси Германија“. Неговата објава беше одговор на изјавата на Фридрих Мерц, претседателот на ЦДУ, кој рече дека „Германија не треба да го следи примерот“ на Маск и аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.
Only the AfD can save Germany https://t.co/Afu0ea1Fvt
— Elon Musk (@elonmusk) December 20, 2024
AfD (Alternative für Deutschland – Алтернатива за Германија) е политичка партија во Германија основана во 2013 година. Започна како евроскептична партија, фокусирана на противењето на еврозоната и економската политика на ЕУ, но подоцна се префрли кон екстремно десничарски политички ставови.
AfD се издвојува по острите ставови за имиграцијата, исламот и климатските политики, кои предизвикаа големи контроверзии. Партијата често го нагласува националниот суверенитет и конзервативните вредности, додека критичарите ја обвинуваат за популизам и врски со екстремно десничарските движења. AfD влезе во Бундестагот во 2017 година, со што стана првата екстремно десничарска партија во германскиот парламент по Втората светска војна.
Неодамна, партијата презеде неколку значајни чекори пред предвремените федерални избори закажани за февруари 2025 година.
Тие за прв пат во својата историја номинираа жена кандидат за канцелар. Лидерката на партијата Алис Вајдел е прогласена за главен кандидат за претстојните избори. Одлуката претставува важен момент за партијата, која настојува да го прошири своето политичко влијание на национално ниво.