Милијардерот и основач на „Тесла“ и „СпејсИкс“, Илон Маск (53), е во центарот на контроверзија по објавата на „Њујорк тајмс“ која наведува дека користел различни психоактивни супстанции за време на неговата политичка ангажираност со тимот на Доналд Трамп.
Според извештајот, хаотичниот личен живот на Маск сè повеќе влијаел на неговата работа. Тој беше именуван за раководител на Одделот за владина ефикасност (DOGE), позиција на која остана само четири месеци, пред да поднесе оставка. Неговата улога беше опишана како „човек со моторна пила“ – задолжен за кратење на федералната бирократија.
Маск претходно изјави дека користи кетамин како терапија за депресија, но извори блиски до него тврдат дека честото користење веќе предизвикало здравствени проблеми. Покрај кетаминот, се споменуваат и други супстанции: екстази, халуциногени печурки, Адерал, па дури и цел „ормар за лекови“ што содржел повеќе од 20 различни супстанции.
Иако Маск вели дека не користи нелегални дроги и дека внесува „мала количина“ кетамин, според извештајот неговото однесување било сè понепредвидливо. Се наведува и инцидент на митинг на Трамп на денот на изборите, каде Маск наводно направил нацистички поздрав – што уште повеќе ја вжешти дебатата.
Контроверзии има и во врска со политиките на неговата компанија. Иако „СпејсИкс“, како голем владиен изведувач, бара од вработените да бидат „чисти“ и редовно спроведува случајни тестови за дрога, извори наведуваат дека Маск однапред бил информиран кога и каде ќе се спроведат тие тестови.
Не е познато дали Маск некогаш бил подложен на тест за дрога во Белата куќа, но политичката сцена продолжува да се тресе.
Советникот на Трамп, Стивен Милер, за „Си-Ен-Ен“ изјави дека нема никакви грижи околу тврдењата од извештајот на „Њујорк тајмс“. Тој најави и заедничка прес-конференција на Маск и Трамп, која ќе се одржи подоцна во текот на денот, по повод заминувањето на Маск од функцијата.
„Сè што можам да кажам е дека DOGE заврши огромна работа во справувањето со системскиот отпад, корупцијата и злоупотребата во федералната влада. Денес ќе го слушнете претседателот како му се заблагодарува на Елон Маск за водењето на оваа мисија, која им заштеди милијарди долари на даночните обврзници,“ изјави Милер.
Кога беше повторно запрашан од новинарите дали е загрижен за употребата на дроги од страна на Маск, Милер одговори:
„Повеќе сме загрижени за другите дроги – оние што ја преминуваат јужната граница.“