Маск му одговори на Бретон по обвинувањата дека Х шири дезинформации за конфликтот во Израел

од Vladimir Zorba
266 прегледи

Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, му порача на сопственикот на платформата X, Елон Маск, дека социјалната мрежа „шири дезинформации“ поврзани со конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, повикувајќи го да преземе контрамерки во согласност со новите правила на ЕУ за онлајн содржини.

Бретон рече дека има индикации дека Х се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во ЕУ, пренесе Ројтерс.

„Затоа, ве повикувам итно да се погрижите вашите системи да бидат ефективни и да го информирате мојот тим за преземените кризни мерки“, рече Бретон во писмото до Маск што го видел Ројтерс.

Сепак, Бретон не прецизираше за каква дезинформација станува збор.

Американскиот милијардер одговори на писмото на европскиот комесар.

„Нашата политика е да задржиме сè со отворен код и транспарентно, пристап за кој разбирам дека ЕУ го поддржува. Ве молиме наведете ги прекршувањата на кои се повикувате на платформата X за да може јавноста да ги види“, напиша Маск од неговата официјална сметка на X, коментирајќи за писмото на еврокомесарот.

Маск, исто така, побара да се наведат прекршувањата на кои укажува Бретон за „јавноста да може да ги види“ и додаде на француски „многу ви благодарам“.

Слични содржини