Американскиот милијардер Елон Маск денеска одговори на поканата од Хамас да го посети Појасот Газа, велејќи дека во моментов е опасно да се биде во таа област.
„Изгледа малку опасно да се биде таму во моментов, но верувам дека на долг рок просперитетна Газа е добра за сите страни“, напиша Маск на социјалната мрежа Х.
Високиот функционер на палестинската милитантна група Осама Хамдан претходно го покани сопственикот на компанијата „Тесла“ и социјалната мрежа Х да ја посети Газа, за да ги увиди последиците од израелското бомбардирање.
„Го покануваме да ја посети Газа за да го види степенот на масакрот и уништувањето извршено врз народот во Газа“, рече Хамдан на прес-конференција.
Оваа недела Маск ги посети локациите во Израел каде Хамас ги изврши нападите на 7 октомври и изјави дека ќе стори се што е потребно за да се запре ширењето на омраза.