Елон Маск се извини поради својата антисемитска објава на мрежата X претходно овој месец.
Тој ја нарече својата антисемитистичка објава „најглупавото нешто што било објавено“, во неговото прво интервју за главните медиуми откако беше обвинет за ширење антисемитизам.
Но, како што пренесува Си-Ен-Ен, во исто време тој ги нападнал огласувачите кои ја напуштиле неговата мрежа поради порастот на антисемитизмот.
„Не сакам да се рекламираат“, рече тој на самитот на „Њујорк Тајмс“.
„Ако некој има намера да ме уценува со реклами или пари, нека се е**. Дали е тоа јасно? Еј Боб, ако си во публиката, така се чувствувам“, рече тој, барајќи го во публиката извршниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер, кој претходно беше гостин на самитот.
Маск го кажа ова додека извршната директорка на X, Линда Јакарино седеше во публиката. Таа беше донесена во компанијата за да ги придобие големите огласувачи назад на поранешниот Твитер.
„Кога станува збор за оваа платформа – X исто така беше исклучително јасен за нашите напори за борбата против антисемитизмот и дискриминацијата. За тоа нема место никаде во светот – тоа е грдо и погрешно. Точка“, коментираше таа откако огласувачите почнаа да се повлекуваат од Твитер.
Во разговорот кој траеше повеќе од еден час, Маск исто така рече дека нема проблем со тоа да го мразат.
„Голема слабост е кога луѓето сакаат да им се допаднат на сите“, рече тој.